Вардар го победи Кристијанштад и се врати на првото место!
Македонскиот тим претрпе пораз во првиот меч против овој противник со еден гол разлика, но во Скопје денеска му врати со камата.
Ракометарите на Иван Чупиќ покажаа дека се подобар тим од Кристијанштад, одиграа одлично особено во вториот дел кога го скршија противникот и остварија сигурна победа.
Првите минути му припаднаа на гостинот кој водеше неколкупати, но од негатива 4-5, Вардар направи серија од 3-0, и го презема водството, на полувремето беше 17-16 за црвено-црните.
Неизвесно беше и во воведниот дел од второто полувреме. Но, при резултат од 22-22, вардарци направија серија од 5-0, дојдоа до предност од 27-22 и ја задржаа до крај за конечни 35-30.
Најдобар во составот на Вардар беше Дмитро Хориха со девет голови, седум постигна Јака Малус. На голот одличен беше Милош Валах кој нанижа 15 одбрани.
По четири одиграни кола Вардар е прв на табелата со шест бодови, следниот меч е на гостински терен кај Сесвете. Тој дуел се игра на 25 ноември.