Да не загубиме вечерва за - полесен пат до мундијалскиот сон!
Баражот веќе го имаме обезбедено и преку Лигата на Нации, па така сигурно ќе играме во него, меѓутоа ако останеме втори ќе одиме во третиот шешир за ждрепката што значи дека ќе добиеме противници од вториот, а не од првиот што би било случај ако во баражот одиме од Лигата на Нации. За да ја задржиме втората позиција потребно е вечерва во Кардиф само да не загубиме, меѓутоа лесно сигурно нема да биде.
Велс во Скопје во поголем дел од средбата беше подобар противник, меѓутоа ние на крајот бевме на чекор од победа бидејќи гостите извлекоа бод со гол во самата завршница.
Македонија и Велс играа и во мундијалските квалификации во 2013 година, тогаш дома ние победивме со 2-1, додека на гости загубивме со 1-0. Кога се отсуствата во прашањее, Милевски сигурно нема да може да смета на Муслиу, додека под знак пршалник е настапот и на Јани Атансов.
Но, проблеми има и Белами на спротивната страна. Итан Ампаду и Џордан Џејмс заработија жолти картони во дуелот со Лихтенштајн, па поради тоа ќе го пропуштат вечерашниот дуел.
Селекторот Милевски на вчерашната прес-конференција најави дека очекува различен натпревар од пресметката во Скопје, но и уште еднаш истакна дека Велс е селекција со сериозен квалитет.
„Очекувам различен меч од тој во Скопје, двата тима се тие. Квалитетот на Велс е неспорен, играат во супер лиги. Имаат одличен селектор, како екипа се одлични“, изјави Милевски.
Домашната селекција ќе има и поддршка од трибините бидејќи стадионот во Кардиф кој е со капацитет од 33.280 навивачи е распродаден, македонски навивачи ќе има во бројка околу 700.
Натпреварот се игра во терминот од 20:45 часот.