Се повреди најдоминантниот кошаркар сезонава во НБА – ќе го нема две недели!

Најдобриот поединец на Сан Антонио Спарс и речиси сигурно најдоминантниот во НБА сезонава, Виктор Вембањама, ќе паузира најмалку две недели поради повреда на мускулот на левата нога.

Првиот пик на драфтот од 2023 година ја пропушти неделната пресметка против Сакраменто, во која неговиот тим славеше со 123-110 и дојде до биланс 9–4, што моментално му носи пласман на петтата позиција на Западот. Според американските медиуми, Спарси планираат да пристапат со максимална претпазливост кон неговата рехабилитација.

„Во последно време гледаме низ целата лига дека повредите на листот на ногата не смеат да се потценуваат. Нема да форсираме ништо“, изјави тренерот Мич Џонсон.

Вембањама сезонава бележи импресивни 26,2 поени, 12,9 скокови, 4 асистенции и 3,6 блокади по натпревар. Минатата сезона, поради проблеми со венска тромбоза во десното рамо, одигра само 46 средби.