Алкараз по поразот од Синер замина во „илегала“ – го откажа настапот за Шпанија!

Најдобриот светски тенисер, Карлос Алкарас, ќе го пропушти финалниот турнир во Дејвис купот поради повреда здобиена за време на завршниот мастерс, пренесуваат шпанските медиуми.

Тој го напуштил Торино по поразот во финалето од Јаник Синер и со својот тим се преселил во Болоња, каде што „црвената фурија“ треба да настапи на завршницата од најголемото репрезентативно натпреварување. Но, магнетната резонанца направена по пристигнувањето открила подлив и преголемо оптоварување на мускул во задниот дел од неговата десна нога.

Не сакајќи да го ризикува здравјето по исклучително напорната сезона и 80 одиграни мечеви, Шпанецот решил да се повлече од турнирот. Наместо него, Шпанија ќе настапи со Хаиме Мунар и Пабло Карењо Буста во сингл мечевите, додека Марсел Гранолерс и Педро Мартинес ќе настапат во двојки.