Дури и големиот Роналдо се поклони пред Новак Ѓоковиќ (ВИДЕО)

Еден од најдобрите фудбалери во историјата, Кристијано Роналдо, со пофални зборови говореше за Новак Ѓоковиќ, нарекувајќи го инспирација и пример за истрајност и врвност во спортот.

Португалецот гостуваше во емисија кај британскиот новинар Пирс Морган, каде меѓу другото зборуваше за тоа кои спортисти ги смета за модели на континуитет и професионализам. Во тој контекст, Роналдо ги спомена Ѓоковиќ, Леброн Џејмс и Лука Модриќ, потенцирајќи дека младите спортисти треба да учат од нивниот пристап кон кариерата.

„Ѓоковиќ е одличен пример“, изјави Роналдо, а Морган веднаш додаде дека најдобриот тенисер во историјата неодамна изјавил дека токму Роналдо му е еден од главните спортски модели, посебно во намерата да продолжи да се натпреварува и во четириесеттите години од животот.

„Новак рече дека сака да си докаже себеси дека може да продолжи и понатаму – и дека ти си доказ за тоа. Тој се инспирира од тебе“, рече Морган.

Роналдо со благодарност одговори на пофалбите.

„Навистина е прекрасно кога луѓе од други спортови зборуваат убаво за тебе. Тоа многу ми значи. Новак е вистински пример за големина. Драго ми е што така мисли“, истакна португалскиот напаѓач.

Двајцата спортски великани неодамна се сретнаа во Ријад, каде разменија подароци и поминаа време заедно. Ѓоковиќ има 38 години и во моментов се бори за 101. титула во кариерата, додека 40-годишниот Роналдо веќе неколку сезони настапува за Ал Наср во Саудиска Арабија.