Беше на смртна постела, личи на жив мртовец, но сонува да ѝ се врати на кошарката!

Италијанскиот кошаркар, Акиле Полонара, на радост на семејството и пријателите, но и на сите спортски вљубеници, успеа да се разбуди од кома по сложена трансплантација на коскена срж, откако претходно му беше дијагностицирана леукемија.

Поради болеста, поранешниот репрезентативец на Италија беше принуден на 33 години да ја прекине својата активна кариера. Полонара на социјалните мрежи откри дека лекарите му дале само 10-отсто шанси да преживее.

„Простете што не се јавив порано. Ми рекоа дека имам 90-отсто шанси да умрам. Не се сеќавам на ништо, како да спиев. Ми дадоа мала надеж, но доволна“, напиша тој.

Неговата сопруга раскажала дека моментот на будењето бил емотивен.

„На почетокот поставуваше прашања, а потоа почна да пее и плачеше додека пееше“, пренесува „Еурохупс“.

Полонара во август потпиша за Сасари, клуб за кој настапуваше и претходно во периодот 2017–2019 година. Иако се врати на почетокот на сезоната, сѐ уште нема одиграно натпревар во својот втор мандат. Сега неговото закрепнување ќе продолжи со физикални терапии, а кошаркарот јасно истакнува дека желбата му е да се врати на паркетот. Во кариерата има играно уште и за Басконија, Фенербахче, Ефес, Жалгирис и Виртус Болоња.