Кожув скапо ја плати нервозата по поразот од Работнички – КФМ жестоко ги казни!

Екипата на Кожув е рекордер според вкупниот паричен износ на казните по еден натпревар оваа сезона, а можеби и во последните десетина години, откако скапо ја плати нервозата по поразот од Работнички минатиот викенд.

Гевгеличани речиси цело време беа во водство, на моменти и со двоцифрена разлика, но гостите од Скопје направија пресврт и дома си заминаа со два драгоцени бода, што донесе не само разочарување туку и – голема казна. Управата на Кожув ќе мора да уплати на сметката на КФМ сума од 94.000 денари, од која најмногу е поради пријавата од судиите за службениот претставник Димитров, кој поради тоа е санкциониран со 50.000 денари и забрана за вршење должност на три средби. Плукањето од публиката кон еден од кошаркарите на Работнички на гевгеличани им донесе казна од 24.000 денари, додека по 10.000 денари за фрлање експлозивни направи односно за јавно коментирање на судењето на социјалните мрежи.

Казна доби и тимот на Работнички и тоа од 4.000 денари поради што избраниците на тренерот Владимир Мирковски не биле во иста опрема при преставувањето.