Луда приказна од Холандија: Кондициски тренер му даде гол и го елиминира својот клуб од Купот!

Замислете да работите како кондициски тренер во второлигаш, а истовремено активно играте за четвртолигаш — и токму вие го исфрлите клубот кој ве плаќа од националниот Куп.

Токму тоа му се случи на 35-годишниот Герсом Клок, кој со својот Хугевен сензационално го победи Емен (1-0) и го исфрли од најмасовното натпреварување.

„Ова е историски момент за клубот, а јас сум дел од него. Си земав слободен ден од клубот каде што сум вработен и кого јас го елиминирав. Мислам дека момците и онака не сакаа да ме видат“, рече Клок низ смеа.

Иако шегата беше очигледна, многумина се запрашаа дали ваквата ситуација би можела да му го загрози работното место во Емен.

„Не би им забележил ако ме испратат на ’ладење', но верувам дека сè ќе остане професионално“, искрен е Клок.

Тој најави дека до крајот на неделата ќе се врати на своите работни обврски во клубот и додаде дека нема намера да дозволи емоциите да му влијаат на професионалноста.

„Сега уживам во овој момент, но штом повторно ја облечам тренерката на Емен, ќе дадам сè од себе за клубот. Тоа е најнормално нешто. Не верувам дека некој ќе ми се налути,“ заврши човекот кој преку ноќ стана славен во Холандија.