„Бјанконерите“ најдоа тренер: Спалети ќе ја спасува сезоната на Јувентус

Искусниот италијански стручњак Лучано Спалети е најсериозен кандидат за преземање на тренерската функција во Јувентус, по вчерашниот отказ што го доби Игор Тудор.

Медиумите на Апенинскиот полуостров објавија дека двете страни веќе воспоставиле контакт и денеска треба да ги утврдат сите детали пред 66-годишникот да седне на клупата на најтрофејниот италијански клуб. Јувентус му нуди договор до крајот на оваа сезона со тоа што тој автоматски би се продолжил ако екипата обезбеди пласман во Лигата на шампионите.

Спалети е без ангажман од јуни годинава кога поднесе оставка на селекторската функција во италијанската репрезентација. Во меѓувреме беше спомнуван како можен тренер на Фенербахче кога си замина Мурињо, но до соработка не дојде, а потоа одби и неколку богати понуди од Катар.

Последен пат работеше во Серија А во 2023 година кога ја освои шампионската титула со тимот на Наполи.