УЕФА жестоко ја казни Шкендија поради истакнување - неспортски транспаренти!

Екипата на Шкендија заработи казна од Европската куќа на фудбалот за првиот домашен натпревар кој го играше во Конференциската лига против Шелбурн, а причина се нeспортски транспаренти од страна на навивачите на тетовскиот клуб.

Шкендија според казната од УЕФА ќе мора да плати сума од 20.000 евра, но исто така тетовци добија и условна казна за затворање на дел од трибините на еден натпревар. Таа казна ќе биде активирана ако во наредните две години Шкендија направи сличен прекршок.

Од редовите на македонскиот шампион истакнуваат дека ги почитуваат правилата и ја прифаќаат доделената казна.

„Клубот ќе продолжи да соработува со навивачите и институциите за да обезбеди безбедна и позитивна атмосфера на секој натпревар, како на домашен терен така и на меѓународната сцена, и затоа бараме и од навивачите да бидат коректни и да ги почитуваат правилата и прописите на натпреварувањата“, велат од Шкендија.

Ќе потсетиме, Шкендија по две кола во Конференциската лига има пораз од Рајо Ваљекано на гости и победа дома со Шелбурн, а во следното коло тетовци ќе ја пречекаат Јагелонија на 6 ноември.