Драма во Русија: Фудбалер на Зенит едвај се спасил од киднапирање на улица (ВИДЕО)

Рускиот репрезентативец, Андреј Мостовој (27), за малку се спасил од обид за киднапирање во Санкт Петербург во инцидент што се случил во четвртокот, кога четворица мажи се обиделе насилно да го внесат фудбалерот на Зенит во автомобил.

Според снимките од безбедносните камери, Мостовој успеал да избегне киднапирање благодарение на брзата реакција на хокејарот Александар Гракун, кој му притрчал на помош. Фудбалерот веднаш го пријавил случајот во полиција, по што напаѓачите биле лоцирани и уапсени.

Истата група, само два дена подоцна, успеала да киднапира бизнисмен – Сергеј Селеген (50), зет на поранешниот пратеник во Државната дума, Вјачеслав Макаров. Според полицијата, киднаперите барале 10 милиони рубљи (околу 100.000 евра), заканувајќи се со пиштол. Исплашениот бизнисмен им предал околу 2.000 евра, ветувајќи дека остатокот ќе го исплати подоцна, но благодарение на полициската интервенција бил ослободен без понатамошна штета.

Истрагата открила дека зад целата операција стои студент од Ленинградската област, кој со осомничените комуницирал преку апликацијата „Телеграм“. Според руските медиуми, наредбите доаѓале од лице што се претставувало под името „Слава Сатанист“.

Среќна околност е што Мостовој поминал неповреден и само неколку дена подоцна настапил за Зенит во победата против Динамо Москва (2:1), каде постигнал атрактивен гол со петица.