Шок за српската јавност: Пауновиќ може да не остане селектор

Иако неодамна беше претставен како нов селектор на српската фудбалска репрезентација на местото на Драган Стојковиќ Пикси, струмичанецот Вељко Пауновиќ може да не го води националниот тим идната година, во Лигата на нации и потоа во квалификациите за Европското првенство.

Се чинеше дека тоа прашање е затворено, но 48-годишниот стручњак го отвори денеска, по натпреварот против Летонија. Една од темите на прес-конференцијата по мечот беше дали останува на селекторската позиција, но Пауновиќ ја шокира српската јавност со својата изјава.

„Ова беше ургентна мисија. Сите сценарија беа во оптек. Нема да кажам дека исходот би ја променил мојата одлука да останам, но не сакам сега да зборувам за тоа. Човечки е да размислам, морам да направам анализа“, изјави Пауновиќ.

Со оглед на тоа што Србија не успеа да се пласира на Светското првенство, првиот следен официјален натпревар ќе биде дури во септември 2026, на стартот од Лигата на нации. Дотогаш ќе има неколку пријателски дуели на кои селекторот, кој и да биде, ќе може да почне со изградба на тимот.