Еден Луковиќ малку за МКК Куманово, Пелистер ја однесе победата во дербито

Поранешниот вицешампион на Македонија, Пелистер брзо го заборави поразот од МЗТ Скопје и со исклучително важна победа го заврши дербито против МКК Куманово.

Битолчани како гости славеа со 87-79, па по седмото коло повторно се лидери на суперлигашката табела. До триумфот дојдоа благодарение на подобрата игра во второто полувреме, особено во последната четвртина која ја добија со 28-17.

Куманово беше подобар тим во првите 20 минути, го презедоа водството кон средината на првата четвртина и со мали исклучоци го држеше до крајот на полувремето. Највисоката предност изнесуваше девет разлика и со неа домаќинот замина на голем одмор (49-40).

Пелистер почна да се враќа во третиот период, со серија од 8-0 се доближи на само поен негатива, а контролата над резултатот ја презеде по низата од 12 поени пред крајот на третата и почетокот на последната четврина. Нешто подоцна следуваше уште една серија, сега од 11-0 со која Пелистер отиде на 81-66 и со тоа стави крај на мечот.

Вилсон беше најефикасен кај Пелистер со 21 поен, но свои моменти, особено во финишот имаа и Стајиќ кој заврши со 16, како и Дамјан Крстевски кој погоди тројка кога МКК Куманово почна да се приближува. Во домашниот тим убедливо најдобар играч беше Урош Луковиќ кој постигна 34 поени и 19 скока за индекс 49, ефект кој остана некрунисан со победа.