Вардар понеделнички брка победа против Шкендија – прва по дури осумгодишен пост!

По осум долги години без триумф во дерби-средбите со Шкендија, фудбалерите на Вардар денеска во Тетово (13.30 часот) ќе се обидат да ја прекинат „црната серија“ каква што можеби и не се памети во долгата историја на најреномираниот македонски спортски колектив.

Последниот триумф на скопските црвено-црни датира од октомври 2017 година, кога „црвено-црните“ славеа со 4-2 во Скопје. Оттогаш, вардарци во дури 21 натпревар по ред не успеале да го победат ривалот од Тетово – низа што вклучува 12 победи за Шкендија и девет ремија. Вардар и во Тетово последен пат славел истата таа година во април, во рамките на Купот на Македонија.

Мечот од 10. коло во Првата македонска лига може да донесе и промена на врвот на табелата. Доколку има победник, без разлика кој би бил тоа, актуелниот лидер Струга ќе ја загуби лидерската позицијата, бидејќи синоќа беше поразена од Брера Струмица. Тоа дополнително го засилува влогот во дербито, кое повторно го враќа сјајот на старата фудбалска класика меѓу тетовци и скопјани.

Скопскиот гигант сезонава изгледа посериозно и поконкурентно од претходните години. Вардар е во битка за врвот и ја гледа оваа средба како можност да го искористи заморот на Шкендија, која игра на повеќе фронтови и е единствениот македонски претставник во европските купови. Интересно е и што токму Шкендија беше последниот тим што ги совладал вардаарци во Првата лига – во февруари годинава, кога славеше со 2-1 во Скопје. Од тој пораз наваму, вардарци се 28 натпревари без пораз на домашната сцена, во првенството и Купот.