Стравична сцена на Ф1-трката во Мексико – возач ќе прегазеше двајца редари (ВИДЕО)
Инцидентот се случил кога Новозеланѓанецот повторно се приклучил во трката откако го заменил предното крило на својот болид. Иако неговиот тим преку радио врска го предупредил дека има две жолти знамиња — сигнал кој наложува намалување на брзината и забрана за претекнување — Лосон сепак бил изненаден кога забележал двајца редари како трчаат пред него.
„Боже мој, дали се шегувате? Можев да ги убијам!“, извикал вознемирениот возач во комуникацијата со својот инженер.
На снимките од инцидентот се гледа како редарите ја преминуваат патеката во моментот кога болидот на Лосон влегува во првата кривина. Благодарение на неговата брза реакција, избегната е потенцијално смртоносна несреќа. Лосон подоцна изјави дека никогаш досега не видел нешто слично на трка од ваков ранг:
„Искрено, не можев да поверувам во тоа што гледам. Влегов со нов сет гуми, а во првата кривина видов двајца луѓе како трчаат преку патеката. Тоа беше многу опасно. Очигледно имало некаков недоразбирање, но вакво нешто не смее да се случи. Неприфатливо е редари да се движат по активна патека“, порача возачот на Рејсинг булс.
Лосом набрзо потоа се откажа од трката, која заврши со победа на Ландо Норис од Мекларен, кој со тоа го презеде водството во генералниот пласман.
ФОТО: X / @autosport