Ефикасно тргна колото во ПМФЛ: Чудесен пресврт на Арсими!

Ефикасно стартуваше 10. коло во ПМФЛ и во денешните натпревари во кои победи славеа Башкими и Арсими видовме дури 12 погодоци, по пет на двата.

Екипата на Башкими ја оправда фаворитската улога против Шкупи славејќи сигурна победа од 4-1.

Победата на кумановскиот состав беше најавена уште во првиот половина час кога Башкими постигна два гола. Прво Алексовски стрелаше во 10-тата минута, а потоа и Симовски во 26. минута. Шкупи успеа да дојде до гол на пет минути пред крајот на пвиот, но само неколку минути подоцна нивниот поранешен фудбалер, Аворнио ја погоди мрежата за 3-1.

Во вториот дел видовме само уште еден гол кој беше дело на Хаџиќ со кој Башкими го потврди триумфот. На табелата Башкими е петти со 18 бода, додека Шкупи е на дното со само еден освоен бод.

Многу поинтересно беше во Кавадарци  каде што домаќинот испушти предност од 3-1 и дозволи на гостите да слават победа со 4-3 до која дојдоа со три гола во завршницата од натпреварот.

Тргна сигурно Тиквеш, беше подобар противник на теренот и во финишот од првиот дел со двата гола на Садик во 38-та и 41. минута поведе со 2-0. Арсими се врати во игра по само три минути игра во вториот дел со голот на Шефити, но Ивановски со еден одличен гол во 54. минута повторно го врати водството од два гола.

И кога домашната публика мислеше дека работата е завршена повторно на сцена стапи Шефити кој стелаше прво во 84. па во 87. минута, а потоа во судиското продолжение за комплетен пресврт се погрижи Таипи.