Беќири: Во Шпанија видовме како се игра модерен фудбал, а утре со паметна игра да освоиме бодови!

Фудбалерите на Шкендија утре го играат првиот натпревар на домашен терен во рамките од Конференциската лига, а противник ќе биде екипата на Шелбурн од Ирска.

Пред овој дуел денеска прес-конференција одржа тренерот Јетон Беќири кој верува дека неговите фудбалери и научиле нешто од првиот натпревар против Рајо кој во Шпанија го загубија со 2-0.

„Имавме доволно време да се подготвиме за нтпреварот. Имаме различен стил на игра со Шелбурн, а посакувам со добра и паметна игра да дојдеме до посакуваниот триумф. Добро го анализиравме противникот и ако сакаме позитивен резултат, мора да одиграме на високо ниво. Се надевам и на поддршка од публиката. Против Рајо во Ваљекас видовме како се игра модерен фудбал и не е случајно што шпанските тимови се на врвот. Се надевам и дека нешто научивме од тој натпревар“, изјави Беќири.

Натпреварот помеѓу Шкендија и Шелбурн се игра утре од 18:45 часот.