Ѓоковиќ по дебаклот од Синер: Не е лесно кога некој вака ќе ве растури...

Иако станува збор за егзибициски меч, Новак Ѓоковиќ доживеа нов дебакл од Јаник Синер против кого е во серија од седум порази.

Два од нив се на неофицијалниот турнир „6 крала“ што се одржува во Ријад, но мора да се истакне дека последниот триумф Ѓоковиќ го оствари во ноември 2023 година и оттогаш, на седум меча, освои вкупно три сета. Синоќешниот дуел беше прв нивен по полуфиналето на Вимблдон каде Синер исто така славеше премногу лесно. Ѓоковиќ призна дека не му е пријатно по уште еден ваков дебакл.

„Извинете за речникот, но тешко е кога некој ќе ве растури вака. Сепак, добро е чувството што се уште сум во топ-10, во топ-5. Би сакал да имам помладо тело, макар на само една година за да можам подобро да им се спротивставам на Синер и Алкараз, ама и натаму ќе продолжам да ги предизвикувам“, изјави Ѓоковиќ.

Во финалето на турнирот во Ријад повторно ќе играат Синер и Алкараз, а победникот ќе добие награда од 6 милиони долари.

фото: EPA photo