И Вујовиќ удри по Пикси: Великомаченикот Стојковиќ успеа да излезе од легендите

Дебаклот на фудбалската репрезентација на Србија против Албанија во Лесковац е спортска тема на денот, не само кај нашиот северен сосед,, туку и во регионот.

Во фокусот е и заминувањето на тренерот Драган Стојковиќ од бродот што тоне. На денот кога стана јасно кој ќе го замени Пикси на клупата на претстојниот квалификациски натпревар против Андора, се огласи легендарниот ракометар Веселин Вујовиќ.

„Великомаченикот Стојковиќ изјави дека е одговорен човек и дека ја понудил својата оставка на водечките луѓе на федерацијата. На кои луѓе? На оние што требаше да поднесат оставка пред него, на оние што не го назначија. Оставката не се нуди, туку се дава. Но, немаш храброст ни за тоа, маченику. Го постигна невозможното - да излезеш од легендите и тоа на каков начин. Го контролираш градот, стадионот, гледачите. Ја водиш репрезентацијата да игра во Лесковац, на таков терен, бидејќи не ти е дозволено да се појавуваш никаде на друго место. Го намалуваш тонот за да не може народот да чуе што скандира, а истите тие луѓе, кои ги донесе и ги плати, го изразуваат мислењето и незадоволството на цела Србија“, објави Вујовиќ.

Србија остана само со теоретски шанси за пласман во баражот за Светското првенство, но повеќе ништо не зависи од оваа репрезентација.