Братот на Јокиќ осуден за нападот на навивач во САД – доби 12-месечна казна (ВИДЕО)

Страхиња Јокиќ, постариот брат на тројниот МВП во НБА-лигата Никола Јокиќ, е осуден на 12 месеци условна казна поради инцидент што се случи за време на плејоф-натпреварот помеѓу Денвер Нагетс и ЛА Лејкерс лани во април.

Пресудата била изречена во петок, откако тој признал вина за неовластено влегување на теренот и нарушување на јавниот ред и мир. Инцидентот се случил веднаш по завршувањето на натпреварот, а на видео-снимките кои кружеле на социјалните мрежи, се гледа како Страхиња физички напаѓа навивач и го удира во лицето, при што жртвата добила потрес на мозок, стои во полицискиот извештај. Жртвата, извесен Николас Мејер, изјавил дека од нападот добил и расекотини и модринки, а во судницата сведочел дека инцидентот му предизвикал страв и анксиозност.

„Нападот целосно го наруши моето чувство на сигурност. Почнав да се плашам да излегувам од дома, особено со семејството. Се плашам и од можно одмаздничко однесување од навивачи или од семејството Јокиќ“, изјавил тој.

Страхиња тврдел дека реагирал во самоодбрана, објаснувајќи дека се обидувал да заштити постара личност која се наоѓала покрај него. Сепак, судот по разгледување на доказите и видео-материјалите донел одлука да го прогласи за виновен, но со условна казна, што значи дека нема да оди во затвор доколку во наредните 12 месеци не направи нов прекршок.