
Бизарно: Сан Марино ќе мора да загуби со огромна разлика за да дојде до бараж за СП!
Оваа необична можност произлегува од сложените правила на УЕФА, која ја поврза Лигата на нации (ЛН) со квалификациите за Мундијал. Според новиот систем, четирите најдобри селекции од ЛН кои нема да обезбедат директен пласман преку квалификациите, ќе добијат место во доигрувањето. Сан Марино, кој сензационално ја освои својата група во Лига Д и избори промоција во Лига Ц, сега има мала, но реална шанса за плејоф. За тоа да се случи, потребно е Шведска и Романија да завршат меѓу првите две во своите квалификациски групи.
Во групата на Романија се наоѓа и Сан Марино, па токму нивниот меѓусебен натпревар би можел да биде клучен. Доколку Романија ја совлада БиХ на гостински терен, а потоа и двете селекции загубат од Австрија, ќе одлучува гол-разликата за второто место. Во тој случај, Сан Марино би имал интерес да „помогне“ со што поубедлив пораз од Романија, со што би ѝ овозможил да стигне до бараж – а истовремено би ја задржал својата надеж да биде дел од истиот тој плејоф.