
Белгија не го проби македонскиот ѕид: Чудесниот Столе ни донесе голем бод во Гент (ФОТО)
Македонија останува на првата позиција во групата, македонските фудбалери тактички одиграа одличен натпревар, беа максимално фокусирани од првата до последната минута и на крајот заслужено го освоија бодот против квалитетно многу посилната репрезентација на Белгија.
Селекторот Милевски се реши мечот да го почне со комплетно затворена тактика, во првото полувреме Македонија се бранеше со сите фудбалери, а Белгија нервозно се обидуваше да најде пат до мрежата на Димитриевски.
Белгијците имаа неколку можности за погодок, но ниту една од тие не беше идеална шанса. Имаа 11 шута во првиот дел, неколку од нив беа блокирани од македонскиот бедем, а другите завршија надвор од рамките на голот. Димитриевски немаше сериозна интервенција во првиот дел.
На почетокот од второто полувреме Милевски го промени пристапот, на местото од Ашковски во игра влезе Чурлинов, тргнавме нешто поофанзивно, а тоа им даде повеќе простор на Белгијците кои почнаа да делуваат многу посериозно.
Уште во втората минута од вториот дел Димитриевски мораше да интервенира по обид на Доку. Брзо потоа дојде шанса на Де Брујне кој биеше одлично од далечина, нашиот голман со фантастична одбрана го спаси нашиот гол.
Нападите на Белгија се редеа, следуваше одличен влез на Доку во 61. минута и негов шут, Димитриевски беше подобар и овојпат, две минути подоцна Опенда излезе еден на еден со нашиот голман, Столе и овојпат одбрани.
Следната голема шанса домаќините ја имаа во 77. минута кога Кастањ имаше празен гол, но беше во незгодна ситуација, не ја зафати добро топката и таа отиде над нашиот гол.
Во 88. минута Фофана имаше силен шут од далечина, но и тој го скроти фантастичниот Димитриевски.
Со максимална концентрација до крајот на натпреварот успеавме да ја спречиме Белгија да даде гол во финишот, не создадоа ниту шанса во последните минути. По последниот судиски свиреж заслужено се израдувавме на освоениот бод со кој го продолжуваме мундијалскиот сон.
Македонија по шест одиграни кола собра 12 бода и е на првото место на табелата, Белгија со бод помалку е втора, но има и натпревар помалку. Следниот меч на нашата репрезентација е во понеделник против Казахстан во Скопје, дуел кој мора да се добие.