Столе не го замени дресот со Куртоа - им го подари на македонските навивачи во Гент (ВИДЕО)

Столе Димитриевски вечерва го имаше еден од најдобрите натпревари во дресот на македонската репрезентација, со пет бравурозни одбрани во големото реми против Белгија (0-0), но тоа не беше единствената причина што апсолутно го заслужи епитетот – играч на вечерта.

И покрај фантастичните интервенции, тој најдобриот потег го имаше по средбата, кога заедно со соиграчите одите да се поклони пред македонските навивачи, кои не ги штедеа грлата сите 90 минути на стадионот во Гент. Тој наместо да го замени со Тибо Куртоа, го соблече дресот и го фрли кон верните фанови без чија помош потешко ќе дојдевме до големиот бод.

Димитриевски со ова уште еднаш покажа дека дефинитивно е еден од лидерите на оваа златна селекција, како со потезите на теренот, така и надвор од него.