Гарсија како Алан Форд: Кога не можаш да победиш, тогаш е добро да не загубиш!

Селекторот на белгиската фудбалска репрезентација, Руди Гарсија, не го криеше разочарувањето по ремито против Македонија (0-0) во Гент, но остана оптимист за шансите на неговиот тим во квалификациите за Светското првенство.

Иако Белгија важеше за изразит фаворит, натпреварот заврши без победник, што ја намали предноста на „црвените ѓаволи“ во групата. Гарсија сепак нагласи дека ништо не е загубено, потсетувајќи дека до крајот имаат уште три натпревари и целосна контрола врз својата судбина.

„Ништо не можам да им забележам на фудбалерите. Создадовме многу шанси и имавме огромен број удари кон противничкиот гол, но македонскиот голман бранеше извонредно. Кога не можеш да победиш, важно е барем да не загубиш“, мудро изјави белгискиот стратег во стилот на Алан Форд.

Тој додаде дека тимот мора брзо да се префокусира на следниот дуел во понеделник, бидејќи и понатаму е во трка за првото место.

„Ако ги добиеме последните три натпревари, ќе ја завршиме групата како лидери. Сѐ зависи од нас,“ порача Гарсија, уверувајќи дека Белгија ќе продолжи да се бори за директен пласман на Мундијалот.

Белгијците за три дена ќе ги одмерат силите со Велс на теренот на противникот.