Ракометарите на Вардар на уникатен начин ги поканија Комити – им се качија на трибина (ФОТО)

Екипата на Вардар во пресрет на задутрешното дерби со Пелистер испрати несекојдневна покана за верните „Комити“ за да дојдат и да им помогнат да го совладаат големиот ривал.

Наместо вообичаени најави, црвено-црните испратија емоционална порака со која уште еднаш ја нагласија незаменливата улога на своите најбучни навивачи.

„Вардарци, в среда се гледаме во сала! Песната на верните Комити и илјадниците навивачи кои ќе го обојат храмот на ракометот во црвено-црна боја ќе бидат нашиот најголем сојузник и мотив во борбата за нова победа“, порачаа од клубот.

Со повикот „подгответе ги шаловите и чувајте го гласот“, Вардар ја подгреа атмосферата во пресрет на големото дерби кое традиционално го надминува спортскиот контекст и претставува вистински спектакл на трибините. Очекувањата се дека и овојпат „Комити“ ќе бидат моторот на црвено-црните и главен фактор во создавањето на препознатливата дерби-атмосфера.