Ѓорческа во Турција ќе игра против некогашна најдобра светска тенисерка!

По десетдневна пауза, Лина Ѓорческа утре се враќа на тениските терени и неделава ќе се натпреварува на Челинџерот во турскиот град Самсун.

Конкуренцијата таму ќе биде далеку посилна во однос на претходните турнири на кои настапуваше нашата тенисерка, а како прва носителка е поставена 127. во светот Ракотоманга Ражаона од Франција. Ѓорческа имаше тешка ждрепка и во првото коло ја доби некогашната најдобра тенисерка во светот Каролина Плишкова од Чешка која на овој турнир настапува со специјална покана.

Плишкова во моментов е надвор од топ-1000 во светот, но лани беше на 40. место и јасно е дека се уште поседува квалитет. Во својата кариера, таа има 17 ВТА титули, а на првото место на светската листа беше од 17 јули до 10 септември 2017 година.

Ѓорческа во моментов е на 198. место на ВТА листата, но неиграњето минатата недела ќе донесе пад од 13 позиции. Освен во сингл, таа во Самсун ќе игра и во двојки со турската тенисерка Чагла Бујукакчај.