Ѓоковиќ (ќе) налета на Синер на Мастерсот во Шангај

Утринава беше одржана ждрепката за претстојниот Мастерс во Шангај на кој ќе настапи и Новак Ѓоковиќ, четирикратен освојувач на трофејот на овој турнир.

Со оглед на тоа што е четврти тенисер на АТП листата, јасно беше дека Србинот ќе биде на страната на еден од двајцата неприкосновени во светскиот тенис во моментов, а среќата сакаше да биде во делот со Јаник Синер. Нивниот дуел е можен во полуфиналето, под услов двајцата да ги поминат претходните пречки.

Синер е во серија од пет победи во дуелите со Ѓоковиќ, а во вкупниот биланс, резултатот е 6-4 за италијанскиот тенисер.

Двајцата, како и Карлос Алкараз, се слободни во првото коло, Ѓоковиќ потоа го очекува подобриот од мечот меѓу Чилиќ и Муте, Синер ќе игра со Алтмајер или квалификант, додека Алкараз го чека подобриот од мечот меѓу Тиен и Кецмановиќ. Мастерсот во Шангај се игра од 1 до 12 октомври, а титулата ја брани Синер.