МЗТ продолжува да доминира – 11. трофеј по ред за тимот од Аеродром (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со големата доминација во македонската кошарка, откако вечерва, со триумфот над Кожув (71-65) во Суперкупот дојдоа до 11-тиот трофеј по ред во трите домашни натпреварувања.

„Металците“ последен пат во битка за пехар загубија во февруари 2022 година, во финалето од Купот на Македонија против ТФТ по што следеа три победи по ред во ова натпреварување, четири шампионски титули и четири славја во увертирата за новата сезона, каков што беше и денешниот меч. Аеродром, сепак, мораа максимално да се испотат против амбициозниот состав од Гевгелија и да стравуваат за триумфот буквално до последната секунда.

Јунак беше Војдан Стојановски, кој добрата игра ја круниса со феноменална тројка на 30 секунди до крајот за 66-62 и водство кое се покажа доволно за освојување на посакуваниот трофеј. Гевгеличани се покажаа како цврст ривал, во големиот дел од средбата беа во водство, но на крајот пресуди искуството на „доминаторот“ во макбаскетот, кој мирно го приведе мечот до крај.

Чарлс Гил со 16 поени и седум скока беше најдобар во победничкиот тим, каде што Војдан Стојановски и Илајџа Мекејден постигнаа по 13 поени. Родни Пурвис со 21 поени и Теодор Синиќ со девет поени и 12 скока беа најдобри кај Кожув.

Ова е осми пехар за МЗТ Скопје во Суперкупот со што само ја зголемија вкупната бројка трофеи во македонската кошарка. Екипата од „Јане Сандански“ сега има 12 титули, 13 куп пехари и осум супер-куп победи за вкупно 33 славја во сите домашни натпреварување. Втор на оваа листа е Работнички со 15 титули, 10 куп-победи и два успеха во Суперкупот.