Судија признал дека ѝ подарил гол на Барселона во триумфот над Сосиедад!

Израмнувачкиот гол на Барселона во дербито со Реал Сосиедад паднал по судиска грешка, што подоцна ја признал самиот арбитер Алехандро Ернандес Ернандес, соопштија од таборот на баскискиот тим.

Жул Кунде во 43. минута погоди за 1:1 по корнер, но според правилата удар од агол воопшто не требало да има, бидејќи последен со топката играл дефанзивецот на Барселона, Роналд Араухо. По прегледување на снимката, судијата сфатил дека донел погрешна одлука.

„Се пожалив и разговарав со него. Тој призна дека згрешил“, изјави голманот на Реал, Алекс Ремиро.

ВАР не можеше да интервенира во оваа ситуација, затоа што технологијата не се применува за досудени или недосудени корнери. Интересно, токму Ремиро смета дека така и треба да остане.

„И јас мислам дека не би требало да се менува. Ние лошо се браневме и тоа е наша вина“, изјави тој.

Барселона во второто полувреме стигна и до победнички гол, со што славеше со 2-1 и се искачи на врвот на табелата, додека Реал Сосиедад остана опасно блиску до зоната за испаѓање.

ФОТО: EPA PHOTO