Навивачите на Милан во транс, Алегри ги смирува: Ни требаат уште 64 бода за ЛШ

Екипата на Милан е сензационален лидер во Серија А откако синоќа на домашен терен го совлада актуелниот шампион Наполи со 2-1.

„Росонерите“ сега имаат 12 бода, исто колку и Наполи и Рома, но со подобра гол разлика од нив и по подолго време се искачија на првото место на табелата. Со оглед на тоа што сезонава не настапуваат во европските купови, имаат добра можност да ја вратат титулата во своја сопственост бидејќи играчите ќе бидат многу поодморени од ривалите. Сепак, тренерот Масимилијано Алегри ја смирува еуфоријата кај навивачите и тврди дека патот е уште долг.

„Целта за секој од нас е иста: идната сезона да учествуваме во Лигата на шампионите. Кога играте за Милан, одговорноста е нешто што секогаш имате. Наидов на група фудбалери желни за работа кои добро знаат дека најважно е да се вратиме во Лигата на шампионите. За да стигнеме таму, потребни ни се уште 64 бода, така што мораме да одиме напред чекор по чекор, уживајќи во победите, но без занес“, изјави Алегри по синоќешниот меч.

Во следното коло Милан го очекува уште еден дерби дуел, против Јувентус кај кого оди со серија од четири победи во Серија А.