Пелистер сака враќање на победите, Башкими доаѓа по уште еден голем триумф!

Денеска во Битола ќе се одигра последниот натпревар од 7. коло во Првата лига, во кој Пелистер на домашен терен го пречекува Башкими, дуелот е закажан за 15.30 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.

Пелистерци новата сезона ја почнаа солидно, но по победите над Брера и Шкупи остана без бодови на трите следни средби со Македонија ЃП, Арсими и Работнички. Тренерот Димитар Капинковски вели дека во клубот нема дополнителен притисок пред денешниот меч и дека целта останува иста – освојување на три бода пред својата публика.

„Сакаме на секој натпревар да играме на победа. Иако имавме одредени кадровски проблеми поради повреди, нашата стратегија не се менува. Го почитуваме искуството на новите засилувања во Башкими, но единствената наша цел е победа,“ изјави Капинковски.

Гостите од Куманово пристигнуваат во Битола со висока самодоверба по триумфот над Силекс. Башкими веќе има три победи во сезоната, а фудбалерите најавуваат дека ќе ја бараат и четвртата. Борјан Пановски, кој во Куманово дојде токму од Пелистер, најави максимална борба против својот поранешен клуб.

„Се враќам во Битола со позитивни емоции, но овој пат целта ми е јасна – да освоиме три бода. Тимот работи максимално и сигурен сум дека ќе играме со срце,“ изјави Пановски.

Историјата на меѓусебните дуели оди во полза на Пелистер – од вкупно осум средби тимот од Битола има пет победи, една нерешена, а Башкими славел двапати. Последната победа на Кумановци е од 2008 година.