Флик му се налути на шпанскиот селектор: Така не се води грижа за Јамал

Тренерот на Барселона, Ханси Флик денеска одржа прес-конференција пред утрешниот меч против Валенсија, а на неа го нападна шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте поради односот кон првата ѕвезда на репрезентацијата Ламин Јамал.

На германскиот стручњак му пречи инсистирањето да игра Јамал и покрај убедливите победи на Шпанија која на натпреварите од квалификациите против Бугарија и Турција имаше вкупна гол разлика 9-0.

„Јамал дефинитивно нема да игра утре. Настапи за репрезентацијата и покрај тоа што чувствуваше болки. Одигра 73 и 79 минути на двата натпревара и покрај тоа што Шпанија победи со повеќе од три разлика на секој од нив. Шпанија има одличен тим, најдобрите фудбалери во светот, но вака не се води грижа за Јамал“, рече Флик.

Освен тоа што нема да игра утре против Валенсија, Јамал најверојатно ќе го пропушти и првиот меч од новата сезона во Лигата на шампионите, против Њукасл на Сент Џејмс Парк в среда.