Тотално лудило: Пресврти, девет гола и победа на Италија (ВИДЕО)

Два натпревара и две победи за репрезентацијата на Италија под водство на новиот селектор Џенаро Гатузо.

Откако во петокот на домашен терен ја победија Естонија со 5-0, „аѕурите“ вечерва славеа на гостувањето против Израел во Дебрецен со 5-4. Италијанците два пати се наоѓаа во негатива, но успеаја да го свртат резултатот во своја корист и на крајот да ја запишат третата победа во квалификациите за Светското првенство.

Израел водеше со 1-0 и 2-1, прво по автоголот на Локатели, а потоа погодокот на Перец, но во двата случаја негативата на Италија ја анулираше Мојс Кеан. Пресвртот го комплетираше Политано во 59. минута, а од 81. почна лудилот на стадионот во Дебрецен.

Распадори прво зголеми на 4-2 и кога се очекуваше Италијанците мирно да го приведат натпреварот кон крај, Израел во 87. и 89. минута со автоголот на Бастони и вториот погодок на Перец стигна до израмнување на 4-4. Домаќините на овој меч брзаа да постигнат и петти гол и да ги освојат и останатите два бода, но место тоа, Тонали во судиското продолжение постигна убав гол и стави точка на мечот.

Со одличните резултати продолжи и хрватската репрезентација која на Максимир ја пречека Црна Гора и ја победи со 4-0. Јакиќ го отвори резултатот, а по него, во второто полувреме погодија и Крамариќ и Перишиќ, а Куч си постигна автогол. По четири кола, Хрватска има максимален ефект и гол-разлика 17-1, додека Црна Гора падна дури на четвртата позиција со минимални шанси да се избори за местата кои водат на СП или барем во баражот.