Ракометарите на Алкалоид денеска ќе го кренат европскиот пехар!

Денеска со почеток од 19:30 часот се игра реванш плејоф мечот меѓу Алкалоид и Хановер за пласман во Европската лига, а пред стартот на овој дуел момците на Кире Лазаров ќе го кренат пехарот од Европскиот куп кој го освоија минатата сезона.

Поради контроверзната одлука на АЕК да не го игра мечот во Скопје, ракометарите на Алкалоид не можеа да го примат пехарот тогаш како го освоија, па конечно, денеска ќе ја добијат заслужената награда.

Церемонијата на предавање на пехарот ќе се случи пред почетокот на денешниот меч меѓу Алкалоид и Хановер.

Што се однесува до натпреварот, пред момците на Лазаров е невозможна мисија да се анулира десет голови негатива (27-37) од првиот натпревар против бундеслигашкиот противник.

Но и покрај огромната негатива, Лазаров и ракометарите во мечот ќе влезат со амбиција за победа од што е можно повеќе голови разлика, никој од нив не размислува за предавање, туку само за триумф.

„Сабота играме реванш меч против германскиот тим Хановер за кој не треба многу да зборуваме, минатата сезона беа лидери во Бундеслигата осум месеци, а оваа година е дополнително засилен. Мене ми е жал што загубивме со нереални 10 голови разлика и неочекувани за мене. Сабота е убав ден, ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани. Еден македонски тим, нов тим, базиран на македонски навивачи конечно ќе го подигне пахарот. Малку е чудно со пораз од десет голови разлика да подигаме пехар. Но ќе проабме да се израдуваме колку што можеме пред почетокот на натпреварот, а на теренот ќе се обидеме да бидеме достоен противник и да одиграме квалитетен меч, да дадеме се од себе, да го оставиме срцето на терен, поради нас, поради македонската јавност, поради навивачите, ова не е било каков ден, ова е ден за подигање на пехар“, рече Кире Лазаров на прес-конференцијата по повод натпреварот со Хановер.

Натпреварот се игра во салата „Автокоманда“ со почеток од 19:30 часот.