
Ѓоковиќ призна: Тешко дека ќе успеам да ги победам Синер и Алкараз во иднина
Во три сета синоќа беше декласиран од Карлос Алкараз и го заврши својот настап во Њујорк, а по мечот призна дека во моментов нема шанси против најдобрите двајца тенисери во светот.
„На три од четирите полуфинални дуели загубив од Синер и Алкараз, едноставно се пресилни во моментов. Останав без гас по вториот сет, немав повеќе сила да му парирам, а тој продолжи во исто темпо. Така се чувствував и со Јаник, тешко ми е да играм во три добиени сета, особено во подоцнежните фази на Гренд слем турнирите.
Задоволен сум од нивото на игра, но кондицијата... Како што реков по четвртфиналето, дадов се од себе за да го доведам телото во ред и да можам да играм колку што треба, но не успеа. Во оваа фаза од кариерата не можам тоа да го контролирам. Ќе ми биде тешко да ги победам Синер и Алкараз во иднина на Гренд слем турнирите, можеби во два сета имам повеќе шанси, но нема да се откажам“, призна Ѓоковиќ.
Ако има нешто позитивно од турнирот во Њујорк, тоа е дека напредуваше три позиции и се искачи на четвртото место на АТП листата, но откри дека до крајот на сезоната сигурен му е само настапот на турнирот во Атина за кој ја има лиценцата, додека за останатите турнири ќе одлучува во последен момент. Секако ќе учествува и на турнирот „6 крала“ во Ријад идниот месец, но тој е од егзибициски карактер.