Падна рекордот на Премиер лигата - клубовите ја пробија границата од 3 милијарди фунти

Летниот преоден рок во 2025 година ќе остане запаметен како еден од најлудите во историјата на Премиер лигата, летото кога падна индивидуалниот трансфер рекорд и летото кога падна рекордот по потрошени пари за засилувања.

Фудбалскиот сајт FootballTransfers.com пресмета дека премиерлигашите во претходните два месеца заедно потрошиле безмалку 3,1 милијарди фунти со што првпат во историјата е пробиена границата од 3 милијарди во еден преоден рок. Досегашниот рекорд изнесуваше 2,36 милијарди фунти, а интересно е тоа што клубовите од останатите лиги во топ-5 заедно потрошиле помалку од премиерлигашите.

Апсолутен рекорд постави Ливерпул кој купи фудбалери во вкупна вредност од безмалку половина милијарда евра и го собори претходното најдобро „постигнување“ на Челси од 2023 година кога лондонскиот клуб потроши околу 470 милиони евра. „Сините“ поставија друг рекорд бидејќи од продажба на своите фудбалери заработија околу 320 милиони евра што не е забележано досега во Премиер лигата.

Мора да се истакне дека овој преоден рок беше специфичен бидејќи почна во јуни кога ФИФА им даде можност на учесниците на Светското клупско првенство да купуваат фудбалери за да се засилат за натпреварувањето што се одржа во САД.