Нема дно што Аморим не може да го пробие, ама уште ја има поддршката од управата

Иако беше донесен како трофеен португалски стручњак кој правеше чуда со Спортинг, Рубен Аморим тотално си ја уништи кариерата во Манчестер Јунајтед.

Тоа и не е нешто ново за клубот од Олд Трафорд каде иста судбина доживеаја и Дејвид Мојс, Оле Гунас Солскјер, Ралф Рангник, Ерик Тен Хаг, па и Луис ван Гал и Жозе Мурињо, само што Аморим достигна дно кое за другите беше недофатливо. Минатата сезона ја заврши на 15. место што е најслаб пласман на Јунајтед откако постои Премиер лигата (од 1992 година), а синоќа доживеа срамна елиминација од Лига купот, од четвртолигашот Гримсби што е еден од најлошите резултати во историјата на клубот.

По првите три официјални натпревари во новата сезона, Јунајтед нема победа, но раководството на клубот се уште му дава поддршка на Рубен Аморим и не размислува за негова смена. Британските медиуми утринава објавија дека Португалецот останува на менаџерската позиција и викендов ќе го води тимот против Барнли на Олд Трафорд.

Ако и на тој меч не ги освои трите бода, а со оглед на тоа што претстои репрезентативна пауза, може да се очекува да стане првиот премиерлигаши менаџер оваа сезона што добил отказ.