Интер го засили средниот ред на два дена пред првиот натпревар во сезоната

По неколкунеделни преговори, актуелниот италијански и европски вицешампион Интер  во своите редови го донесе францускиот интернационалец Анди Диуф.

Станува збор за 22-годишен играч од средниот ред кој претгодните две сезони беше член на Ленс. Интер за него плати 20 милиони евра, а во договорот се вклучени бонуси од пет милиони со тоа што Диуф ќе има годишна плата од два милиона евра.

Најголемиот успех во кариерата на францускиот фудбалер е сребрениот медал од Олимписките игри во Париз минатата година, но тој се уште не дебитирал за националниот тим на својата земја. Пред Ленс, играл за Базел и Рен, а иако само 22-годишен, досега има 131 официјален натпревар во кариерата.

Своето деби во дресот на Интер, Диуф најверојатно ќе го забележи в понеделник кога Интер го игра мечот од првото коло на Серија А, против Торино на домашен терен.