Капело има совет за Милан: Купете го Хојлунд, не Влаховиќ!

Милан е во потрага по напаѓач, а двете имиња кои најчесто се споменуваат со росонерите се Расмус Хојлунд и Душан Влаховиќ.

И спортскиот директор на Милан, Игли Таре призна дека тие двајца се фудбалерите за кои се заинтересирани, а еден од нив би требало да се пресели на Сан Сиро.

Ако се прашува легендарниот Фабио Капело, тој би го избрал Хојлунд, пред Влаховиќ.

„Ми се допаѓа Хојлунд затоа што има квалитет и веќе се покажа како добар во Италија. Има движења, брзина, добро се снаоѓа во шеснаесетникот каде им прави големи проблеми на одбраните. Мислам дека може да биде добар избор за Милан на Алегри. Иако не се снајде во Англија, за мене тој би бил прв избор поради физичките и техничките карактеристики, способноста да игра за тимот и познавањето на италијанскиот фудбал“, вели Капело.

„Што се однесува до Влаховиќ, сите знаеме за каков фудбалер се работи. Но клучното прашање за мене е неговата глава, односно дали може да се врати на нивото кое го играше во Фиорентина? Тој не е во добра психолошка состојба, а неговите технички ограничувања остануваат. Не ја контролира топката добро и нема способност за дриблинг. Неговата годишна плата од 12 милиони евра може да создаде проблем во соблекувалната, ги знам играчите и нивните навики, многу зборуваат за ваквите работи“, заврши легендарниот италијански стратег.