Фудбалерите на Вардар вечерва благодарение на Роџерс Мато го избегна поразот и одигра 2-2 на свој терен против Брера. 

Посебно интересно во натпреварот вечерва на арената „Тодор Проески“ беше првото полувреме во кое беа постигнати три од четрите гола. Резултатот со еден убав лоб беше отворен по 15 минути игра кога во листата на стрелци се запиша Нзгуе.

Сепак предноста на гостите од Струмица кратко траеше. Веќе во 19. на сцена стапи поранешниот фудбалер на Брера, Роџерс Мато кој се погрижи за 1-1.

Тој гол сепак не влијаеше на Брера која продолжи да игра одлично и да создава шанси, па на пет минуто пред крајот Ивановски по еден спринт од средината на теренот постигна уште еден убав гол за водство на својот тим.

 

Донесе и второто полувреме по некоја прилика и на двете страни, но за гол се чекаше до 84. минута кога по една грешка на голманот Вргов, Мато го лобуваше од далечина и се погрижи Вардар да остане непоразен.

За Вардар ова е прв натпревар во кој не победи од стартот на сезоната, претходно „црвено-црните“ триумфираа против Пелистер и Тиквеш, додека Брера го освои првиот бод по двата порази во првите две кола.