Миленкоски: Македонија заслужено ќе игра на ЕП – се надевам на нов добар резултат!

Одбојкарската репрезентациј на Македонија со убедливиот завчерашен триумф над Грузија обезбеди пласман на Европското првенство 2026, кој ќе биде четврти на еден континентален собир во историјата на овој спорт кај нас.

Селекторот Јошко Миленкоски верува дека жолто-црвените повторно може да постигнат значаен резултат, како што е местото во осминафинале на претходниот Евроволеј.

„Пласманот на ова Европско првенство е целосно заслужен и се надевам дека повторно ќе оствариме добар резултат“, порача стратегот, додавајќи дека тимот успеал да ја издржи тешката битка преку Златната лига, квалификациите и клучниот дуел со Грузија.

Тој истакна дека селекцијата покажала карактер и квалитет и во натпреварите против посилните ривали, како и дека клучот за сигурниот триумф против Грузија бил освоениот сет и бројот на поени во дуелот со Грција од првиот дел од квалификациите.

„Честитките одат за сите – и за стручниот штаб и за играчите кои ја понесоа најголемата тежина. Македонија уште еднаш ја израдува спортската јавност, особено љубителите на одбојката“, рече селекторот.

Пред тимот е четврто европско првенство по ред, кое ќе го дочека со промена на генерација. Миленкоски сепак е оптимист, потенцирајќи дека искуството на поискусните и свежината на младите создаваат баланс за иднина.

„Оваа репрезентација е за респект поради сето она што го постигна. Нè очекува долг период на подготовки, многу работа и анализи, но верувам дека повторно ќе го дадеме максимумот“, додаде тој.

Македонија на почетокот од октомври ќе ги добие ривалите во групната фаза на ждрепката во Бари, градот во кој лани го остваривме историскиот резултат – пласманот меѓу 16-те најдобри европски репрезентации.