Вардаровото дете ја напушти Кореја и се пресели во Иран – трансферот е милионски!

Фудбалерот кој остави голем белег во дресот на Вардар на почетокот од својата кариера, Јасир Асани (30 години), сезонава ќе настапува во дресот на иранскиот прволигаш Естегал, кој за него плати отштета во износ од милион долари.

Поранешниот вардарец требаше да ја одработи последната година од договорот со корејскиот Гванжу, па потоа како слободен фудбалер да направи трансфер, но управата на тимот од Иран не можеше да чека па реши да го „одврзе ќесето“ и да го купи пред да може да го добие бесплатно. Тој со Естегал потпиша двегодишен договор со годишна плата во износ од два милиони долари плус бонуси. 

Асани, кој е роден во Скопје, е поранешен младински репрезентативец на Македонија, за која одигра четири натпревари по што реши да ја смени националната селекција и во последните три години е дел од сениорскиот тим на Албанија, а таму на 23 меча постигна пет гола.

Кариерата ја почна во Вардар во 2013 година, за кој во период од четири години одигра 66 средби со 17 голови. Потоа извесен период настапуваше за Шкупи, Победа, Партизани (Албанија), АИК (Шведска), Кишварда (Унгарија), додека последните три години ги мина во Гуанжу со 14 погодоци на 62 одиграни средби.