Претседателот на Шкупи се правда: Струмичани нѐ изиграа, ќе ги тужиме

Поранешниот шампион на Македонија, Шкупи е во центарот на вниманието на домашната фудбалска јавност од почетокот на сезоната поради проблемите со кои се соочува во своето функционирање.

Прво имаше проблеми со навивачите кои го обвинија сопственикот за местење натпревари, потоа ФФМ му забрани да игра на својот стадион во Чаир, па против Шкендија играше со младинци за вчера официјално да го загуби службено дуелот против Силекс затоа што навреме не обезбеди терен за одигрување на овој меч. 

Во врска со тој натпревар, претседателот Јасин Конјали се обиде да се оправда, префрлувајќи ја вината на сопствениот на стадионот во Струмица каде планирале да го пречекаат Силекс.

„Прво, сакам да им се извинам на навивачите за непријатностите кои ги предизвикавме, а потоа да ја објаснам целата ситуација. Имавме договор со сопственикот на стадионот во Струмица да играме таму и дури добивме писмена дозвола за тоа. Кратко потоа, забележавме дека ФФМ го закажа натпреварот и го потврди во својот систем. За жал, во последен момент, сопственикот на стадионот ја откажа дозволата, креирајќи непотребен проблем за нашиот клуб“, информира Конјали кој додаде дека ќе го тужи сопственикот на стадионот во Струмица.

Понатаму, тој најави дека во тек е инсталацијата на ВАР системот на стадионот во Чаир и дека планот е таму да го игра следниот натпревар како домаќин. Во исто време тој се пожали дека не постои солидарност од останатите клубови во македонското првенство кои не излегле во пресрет на Шкупи во овие тешки моменти иако чаирчани имаа речиси половина година да го имплементираат системот и мирно да ја почнат новата сезона. На крај ги замоли политичките партии да ги тргнат рацете од Шкупи и својата кампања да ја водат на друго место.