
Ќе биде ли трета-среќа? Кошаркарите во Орадеа бркаат одмазда за поразот во Куманово!
Ова е втор гостински меч за нашиот национален тим по убедливиот пораз од Унгарија (58-96) и вторпат во циклусот против романскиот противник, кого ќе пробаат да му се реваншираат за неуспехот на стартот во Куманово (72-80).
Селекторот Марјан Илиевски ќе мора да настапи без еден од најискусните играчи, Адем Мекиќ, кој поради повреда на коленото не успеа да го заврши последниот тренинг и е отпишан од составот. Наместо него, во ростерот е вклучен Марко Миловановиќ, а на бековската позиција дебитански настап во официјален натпревар за сениорската репрезентација ќе има Никола Василевски.
Се очекува поголем придонес од бековите, како на оваа, така и на следната средба против Унгарија во Скопје. Еден од нив, Максим Митевски, е уверен дека е можно подобро издание од последниот меч во Солнок.
„Разликата на крајот против Унгарија не ја отсликува вистинската слика на теренот. Оставивме сè зад нас и сега сме фокусирани на Романија. Ги анализиравме, ги гледавме нивните натпревари и знаеме дека се фаворити, но ќе дадеме сè од себе и ќе се обидеме да ја искористиме секоја шанса“, изјави Митевски.
Романија досега има две победи во групата, а Македонија, која е единствена без триумф, ќе се обиде да изненади и да го подобри впечатокот од претходните настапи.