
„Само со тимска игра и поголема самодоверба ќе можеме да ја изненадиме Унгарија!“
Селекторот Марјан Илиевски пред заминувањето ги сподели своите размислувања за поразот во Куманово, но и очекувањата од натпреварот против фаворитот во нашата група.
„Унгарската репрезентација игра брза и модерна кошарка. Располагаат со атлетски подготвени играчи, кои се закана од сите позиции. Клучниот играч е искусниот Војвода, а наша задача ќе биде да ја неутрализираме нивната транзиција и да ги затвориме шутевите,“ истакна Илиевски.
Според него, за добар резултат ќе биде клучна самодовербата на младите играчи во нападот, а истовремено посочи дека одбраната не е проблем, бидејќи тимот покажал желба и ангажираност на теренот. Селекторот се наврати и на натпреварот со Романија, забележувајќи дека и покрај поразот, екипата покажала карактер и колективен дух:
„Мора да се потенцира дека момците оставија срце на теренот. Тоа беше дуел каде се гледаше дека функционираме како тим, иако сè уште сме во процес на градење нова репрезентација,“ рече Илиевски.
Тој укажа дека нашата селекција се соочува со предизвикот на младост и недостаток на искуство, бидејќи повеќето од репрезентативците немаат водечка улога во своите клубови.
„Бројките не се пресудни. Индивидуалниот квалитет не значи ништо без тимска хемија. Колективот е она што мора да го негуваме и развиваме,“ нагласи селекторот.
Македонската селекција од Сопрон ќе отпатува директно за Орадеа каде што на 13 август ќе ѝ гостуваат на Романија.