Пресврт во Јунајтед: Аморим ќе ги врати оние што (сакаше да) ги избрка

На дваесетина дена пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата, ситуацијата во Манчестер Јунајтед драстично се промени.

Екипата се наоѓа на турнеја во САД каде вечерва треба да се сретне со Вест Хем, а пред првиот меч, менаџерот Рубен Аморим зборуваше за ситуацијата со Антони, Алехандро Гарначо, Џејдон Санчо и Тајрел Маласија. Заедничко за нив беше тоа што не беа во плановите на португалскиот стручњак, а тројца од нив минатата сезона ја поминаа на позајмици. Сите требаше да бидат продадени ова лето, но Аморим одеднаш ја смени плочата и објави дека смета на нив и дека тие имаат иднина на Олд Трафорд.

„Знам дека клубот одреди цена за овие четворица фудбалери, но ако заинтересираните не платат колку што бараме, тие ќе останат во Јунајтед. Разбирам дека купувачите веројатно ќе го чекаат последниот момент, но можеби ќе ги дочека изненадување бидејќи навистина сметаме на нив“, рече Аморим.

Санчо во еден момент беше пред потпис во Јувентус, но се се смени откако потпиша Консеисао. Маласија минатата сезона беше на позајмица во ПСВ, Антони во Бетис и имаа опции да останат со перманентни договори, но нивните клубови немаат доволно пари да ги платат. Гарначо е интересен за Челси, ама досега нема конкретна понуда за него.