Митревски: Тешко е да се заменат досегашните лидери, но тие ни се пример

Кошаркарот на Феникс, Андреј Митревски беше еден од најдобрите на вчерашниот натпревар против Швајцарија, погодувајќи пет тројки од шест шута што беше клучно за пресвртот и нашата победа.

Неговата добра форма е одлична вест за Илиевски во пресрет на претквалификациите бидејќи и во Феникс и во младинските селекции Митревски покажа дека може да биде лидер на тимот.

„Ова беше прв пријателски натпревар за нас и можевме да видиме до каде сме во овој период од подготовките. Почнавме да тренираме пред безмалку две недели, но се комплетиравме пред неколку дена и до првиот меч против Швајцарија немавме увид во нашата моментална играчка форма. Мислам дека имаме добра енергија, млада екипа сме, бараме трчање, поставивме темпо и тие беа клучни елементи за нашата победа. Нормално дека е тешко да се заменат ведетите во репрезентацијата како Војдан, Дамјан, Димитријевиќ, Шортс..., но затоа работиме, тренираме и тие кошаркари ни се пример како треба да играме и да се однесуваме во националниот тим. Сметам дека имаме шанси во претквалификациите и покрај тоа, како што и реков на почетокот на подготовките, не сме фаворити во групата“, рече кошаркарот на Феникс.

Во овој циклус на претквалификации, во тимот недостасуваат десетина кошаркари кои играа во квалификациите за Европското првенство. Што се однесува до репрезентацијата, таа вечерва повторно се среќава со Швајцарија во вториот пријателски меч по што се враќа во Скопје, а од среда до сабота ќе тренира во Куманово.