Циципас ја прекина соработката со Иванишевиќ по само два месеци (ФОТО)

Грчкиот тенисер, Стефанос Циципас преку социјалните мрежи потврди дека веќе нема да соработува со легендарниот Горан Иванишевиќ.

Иванишевиќ кој во минатото долго му беше тренер на Ѓоковиќ, пред два месеци почна да го тренира Циципас, но соработката не заврши успешно.

„Соработката со Горан Иванишевиќ беше кратка, но интензивна и навистина вредна етапа на мојот пат. Му благодарам за времето, трудот и енергијата која ја посвети на мене и мојот тим. Иако сега одиме на различни патишта, имам само почит кон Горан, не само поради тоа што го постигнал во тенисот, туку и поради тоа каква личност е. Му посакувам се најдобро во иднина“, напиша Циципас.

Уште на стартот од соработката, Иванишевиќ јавно го искритикува Циципас, па потоа само прашање на време беше кога ќе се случи разделбата.

„Тој сака, но не работи ништо. Само „сакам, сакам“, но не гледам работа. Се шокирав, никогаш не сум видел понеподготвен играч во мојот живот. Јас со ова колено сум трипати поподготвен од него. Ова е баш лошо“, рече тогаш Иванишевиќ.