Двоецот на Мекларен му се одмази на Ферстапен за поразот во спринт-трката во Белгија!

Ландо Норис ќе стартува од првата позиција на утрешната трка за Големата награда на Белгија, откако денеска извозе најдобар круг за главната пресметка на стазата „Франкошамп“.

Веднаш до него во првата линија ќе биде неговиот клупски колега од Мекларен, Оскар Пјастри, со што овој двоец му се реваншира на Макс Ферстапен за поразот во спринт-трката што се возеше претходно денеска. Актуелниот светски првак ќе стартува дури од четвртата позиција, со оглед што во последните секунди од третата квалификациска рунда беше престигнат од возачот на Ферари, Шарл Леклер. Петтата позиција ја освои Џорџ Расел во болидот на Мерцедес.

Повторно разочарување имаше Луис Хамилтон, кој како и во вчерашните квалификации за спринтот испадна уште во првиот квалификациски круг. Денеска тој оствари потребно време за промоција, кое набрзо потоа му беше поништено поради напуштање на стазата со сите четири тркала, поради што ќе мора да почне од последните редови.

ФОТО: X / @F1GuyDan