Иранците „чекаа“ нашите кошаркари да го напуштат Баку за да го нападнат Азербејџан!
Причина за тоа е денешниот напад со дронови на Иран врз азербејџанскиот град Нахчиван, што предизвика кревање на воената готовност. Инцидентот е на повеќе од 400 километри од азербејџанската престолнина, но без разлика тоа внесува немир во целата држава, како и големо олеснување кај сите од кошаркарската експедиција на Македонија. Шеговитите коментари меѓу нив денеска е дека ништо не е случајно и дека Иранците чекале нашите кошаркари да си заминат од Азербејџан за да го нападнат, што секако е само среќна случајност за нас.
Но, овој напад внесе огромен немир најмалку кај еден македонски работник и тоа Никола Божиновски, кој е тренер во кошаркарскиот прволигаш Нахчиван, од истоимениот град во кој паднаа иранските дронови. Добрата вест е што Македонецот и неговиот тим тренираат и играат во Баку, што значи дека во моментов не се во загрозеното подрачје односно се надвор од територијата што е бомбардирана.